Германското федерално јавно обвинителство денеска соопшти дека вработен во Федералната разузнавачка служба на земјата (БНД) е уапсен под обвинение за шпионирање за Русија.
Човекот идентификуван како Карстен Л. бил приведен вчера и е обвинет за предавање информации, вклучително и државни тајни, на руската разузнавачка служба. Полицијата како дел од случајот извршила претрес во неговиот стан и канцеларија, како и кај уште едно лице.
Претседателот на БНД, Бруно Кал, истакна дека агенцијата започнала истрага откако добила индиции за „можно предавство во сопствените редови“ и посочи дека случајот е „чувствителен“ бидејќи Русија се смета за „опасен противник“.