Владата на Мексико објави дека ја уапсила сопругата на кралот на дрогата, Немeсио Осегера, попознат како Ел Менчо.
Таа била уапсена под обвинение за перење пари за моќниот наркокартел на Ел Менчо, обвинет за пренесување хероин во САД. Осегера е најпознатиот наркобос во Мексико, по Ел Чапо, кој минатата година беше екстрадиран во САД.
Неговата сопруга, Росалинда Гарсија, била задржана во притвор во предградието Запопан, во западната мексиканска држава Хелиско. Според информациите на тамошните власти, нејзиното апсење било реализирано без ниту еден испукан куршум, откако судот го наредил истото поради обвинение за организиран криминал и перење пари.
Како што се соопштува, Гарсија наводно управувала со средствата на картелот во Хелиско. Властите го сметаат нејзиниот сопруг за најмоќниот наркобос во Мексико, со оглед на тоа што неговиот картел има конекции и работи во САД, Латинска Америка, Африка, Европа и Азија, објави „Ројтерс“.
Американските агенти во Чикаго во март го прогласија Ел Менчо за државен непријател број еден и го обвинија неговиот картел за користење екстремно насилство со цел да го прошири своето влијание во трговијата со хероин. Исто така, САД нудат пет милиони долари за информација која би довела до апсење на Ел Менчо.