Американската полиција уапси тинејџерка за која се тврди дека покренала празен воз во метрото на Њујорк, па откако по кусо возење, направила судир со друг паркиран воз – побегнала. Се трага и по нејзин машки придружник, за кого се верува дека, исто така, бил во возот.
Фотографиите од надзорните камери, објавени од Њујоршкиот полициски оддел прикажуваат едно лице облечено целосно во розово, вклучително и розова капа за туширање, и друго – во сина тренерка.
Парот се качил на празен воз паркиран на метро станицата „Брајарвуд“ во њујоршката општина Квинс, кратко по полноќ на 12 септември и некако го покренале. По судирот, двајцата побегнале. Полицијата вчера околу пладне ја уапсила 17-годишната девојка. Таа е обвинета за престап и несовесно загрозување во сообраќајот, се вели во полицискиот извештај.
Не е јасно колкава материјална штета е предизвикана. Нема информации за повредени.
Фото: Пиксабеј