Германските власти уапсија две млади лица за кои се вели дека планирале терористички напад во Германија.
Според извештаите, двајцата осомничени преку пораки се договориле да извршат напад на божиќниот пазар или синагогата во Келн користејќи запаливи средства или мал камион, јавува НТВ.
Според тоа, при набљудувањето на соодветните канали на Телеграм, Канцеларијата за заштита на Уставот наишла на 16-годишен Чеченец од Витсток во Бранденбург и 15-годишен Авганистанец од Буршеид во Северна Рајна-Вестфалија.
Апсењата биле извршени вчера, јавува Тагесшпигел.
Како што информираат од WDR, јавното обвинителство во Дизелдорф и јавното обвинителство во Нојрупин водат истрага поради сомневање дека планирале да извршат терористички напад. Властите одбија да коментираат за ова прашање.
И двајцата уапсени се сметаат за симпатизери на Исламската држава (ИСИС).
Безбедносните власти го класифицираат младиот од Бранденбург како „релевантна личност“ на исламистичката сцена.
За него се вели дека е љубител на оружје, екстремно насилен и дека привлекувал внимание во минатото со ширење на џихадистичка пропаганда. Неговиот брат исто така се карактеризира како крајно насилен.
Кога бил уапсен, носел нож, пренесува „Тагесшпигел“. Во неговиот стан биле пронајдени неколку мобилни телефони.
Специјалците ги следат осомничените од викендот.
Со оглед на војната на Блискиот Исток, Федералната канцеларија за заштита на Уставот дури денеска предупреди на акутната опасност од напади на исламисти во Германија. Ризикот од напади достигна „нов квалитет“, објасни Томас Халденванг од Федералната канцеларија за заштита на уставот во Берлин.
„Опасноста е реална и поголема отколку што беше долго време“, рече тој.