Уапсени се 61 член на најмоќната мафијашка банда во Италија

/ 11.05.2023

Италијанската полиција уапси 61 член на Ндрангета, најмоќната мафијашка банда во Италија, во серија рации во седум региони.

Тие се осомничени за низа кривични дела, вклучително и измама, трговија со дрога, владина инфилтрација и изнуда на локални фармери. Повеќе од 500 полицајци биле вклучени во операцијата, чија цел биле вкупно 167 лица.

Вчерашната акција била само дел од пошироката операција за разбивање на групата. Полицијата минатата недела објави дека повеќе од 100 луѓе биле уапсени ширум Европа во најголемата операција досега против Ндрангета. Во неа биле вмешани десет земји, а биле конфискувани средства во вредност од 25 милиони евра, пишува Би-би-си.

Истрагата открила и важни нови информации за тоа како функционираат некои од највисоките нивоа на групата. Пасквале Бонавота, еден од наводните босови на мафијашката група, бил уапсен минатиот месец во катедрала во северниот град Џенова. Стотици други мафијаши и корумпирани функционери или се осудени или допрва треба да им се суди под сомнение за вмешаност со семејството Манкузо.

Семејството Манкузо е само едно од 150-те семејства што ја сочинуваат криминалната мрежа „Ндрангета“. Италијанските и белгиските истражители веруваат дека „Ндрангета“ шверцувала близу 25.000 килограми кокаин меѓу октомври 2019 и јануари 2022 година и канализирала повеќе од 22 милиони евра од Калабрија во Белгија, Холандија и Јужна Америка.


Од истата категорија