Охридската полиција соопшти дека уапсила тројца жители на градот осомничени дека вчера го претепале Христијан Пендиков, секретарот на бугарскиот клуб во градот.

„Полициски службеници од СВР Охрид денеска (20.01.2023) по преземени мерки и активности во координација со ОЈО Охрид за расчистување на случајот со физички напад врз Х.П. (21) од Охрид, пријавен на 19.01.2023 околу 22.30 часот, ги приведоа С.К., С.К. и И.С., сите од Охрид“, велат од МВР.

По целосно документирање на случајот до надлежното обвинителство во Охрид ќе биде поднесена кривична пријава.

Пендиков има тешки телесни повреди и со авион на бугарската влада беше пренесен во Софија на лекување. Тој тврди дека бил нападнат и претепан поради тоа што е секретар на бугарскиот културен клуб во Охрид.