Конзервативната партија Нова демократија убедливо победи на денешните парламентарни избори во Грција, покажуваат првичните официјални резултати, со што гласачите му дадоа уште еден мандат на премиерот Кирјакос Мицотакис. Се очекува Нова демократија да има 157 или 158 пратенички места во 300-члениот парламент.
Според преброени скоро 90 отсто од гласачките места во земјата, централно-десничарската Нова демократија на Мицотакис освои над 40 проценти од гласовите, а главниот ривал, крајно левичарската Сириза претрпе голем пораз, освојувајќи само нешто над 18 отсто, што е уште помалку од изборите во мај, кога освои 20 проценти.
Сириза победи на изборите во 2015 година, во ек на должничката криза, и ја водеше државата до 2019 година, кога изгуби токму од Нова демократија.
„Очигледно, ова е голем пораз“, рече Евклид Цакалотос, кој беше министер за финансии во владата на Сириза, за грчката Скај ТВ.
Според системот користен на денешното гласање, партијата што ќе освои најмногу гласови добива бонус меѓу 25 и 50 пратенички места во зависност од поддршката на гласачите, со што се олеснува освојувањето апсолутно мнозинство во Парламентот.
Севкупно, осум партии го поминаа изборниот праг од 3 отсто за влез во Парламентот. Од бројот на партии кои ќе влезат во Парламентот зависи колку бонус пратенички места ќе добие победникот.
Антиимигрантската, ултрарелигиозна и крајно десничарска партија Спартанци, според која Грција е под закана од неконтролираната миграција, беше изненадување на изборите. Врз основа на првичните резултати, се очекува да освои 4,7 отсто од гласовите, односно 13 пратенички места.
Од релативно непозната партија доби популарност по поддршката од Илиас Касијадијарис, лидер на сега забранетата екстремно десничарска партија Златна зора. На неговата партија ѝ беше забрането учество на изборите и тој ги поддржа Спартанците од затвор, каде што отслужува казна.