Музеј Галерија Кавадарци
·
79 години од загинувањето на борецот, учител и револуционер Димката Ангелов – Габерот
Роден е на 17 октомври 1916 година во с.Ваташа, како второ дете на Ленка и Ташо Ангелови.
Основно образование завршил во Ваташа, а нижа трикласна гимназија во Кавадарци. Во 1930 г. се запишал на учителската школа во Белград, а со учителска диплома се стекнал во Неготин Краина. Тој имал бурен темперамент и не ја трпел неправдата. Во 1936 г., остро му се спротивставил на министерот за здравје и социјална политика Драгиша Цветковиќ на митингот во Кавадарци бранејќи го угнетениот македонски селанец.
Во пролетта 1937 г. под обвинение дека е комунист и шири комунистички идеи бил затворен на три месеци затвор во Велес заедно со поголема група напредни младинци од Кавадарци. Во септември 1937 г. добил работа како учител во селото Дабниште, но наскоро заминал во отслужување на воениот рок во Винковци.
По враќањето се вклучил во изборната кампања во изборите за народни пратеници. Димката имал вродена дарба за уметност. Многу убаво свирел на виолина, а имал афинитети и за глума. Заедно со Милан Даскалов и Славчо Темков ја подготвуваат драмата ,,Слугата Јернеј и неговото право”, воедно се и главни актери. Оваа пиеса доживеала голем успех.
Во 1939 г. Димката повторно работи како учител овојпат во селото Радња. Како учител бил многу сакан од учениците и нивните родители. Во предвечерието на Втората светска војна во јануари 1941 г. бил интерниран во логорот Меѓуречје кај Иванковци каде се стекнал со големо револуционерно искуство.
Бил секретар на Воениот и Месниот комитет на КП за Кавадарци, а во почетокот на 1943 г. е назначен за политички комесар на штабот на Трета оперативна зона. Во партизанскиот одред ,,Добри Даскалов“ ја врши функцијата политички комесар, а го координира и формирањето на гевгелискиот партизански одред ,,Сава Михајлов“.
Како борец Димката се одликувал со голема храброст и решителност, а кога било најпотребно знаел да ги мотивира послабите. Неговите говори го пленувале населението. Иако тешко болен заедно со своите соборци се упатиле кон логорот на одредот на планината ,,Вишешница”. На пат кон логорот наишле на непријателска заседа. Една од најомилените историски личности во целиот тиквешки крај, загина на 10 јуни 1943 г. за време на Јунската офанзива во заседа поставена од страна на бугарската војска кај месноста ,,Торкови лаки“, заедно со Ило Виларов-Сокол, Пано Мударов-Фрањо и активистот од село Галиште Стојан Крстев.
Вечна слава!