Учениците во САД синоќа и денеска излегоа на околу 200 протести во училишните кампуси низ целата земја, да повикаат на построги закони за контрола на оружјето, а како дел од националното движење организирано од активистичката група Студентите бараат акција (Students Demand Action).
Во средното училиште во Мичиген, каде лани во ноември во пукотница беа убиени четворица, учениците излегоа и се собраа оформувајќи ја буквата „Ју“ (U) да се солидаризираат со жртвите од стрелање во Јувалди, Тексас во вторникот.
Ема Јаноф (17), ученичка од 11 клас и членка на Студентите бараат акција, за Еј-би-си изјави дека се вклучила во движењето за контрола на оружјето и безбедност на училиштата во 2018 година, по пукотницата во гимназијата во Паркленд, Флорида.
-Секој ден гледаме новости за деца на кои било пукано и луѓе на моја возраст умираат и тоа е навистина толку тажно и неверојатно, посебно кога гледате деца помлади и на моја возраст. Неможам да замислам тоа да бидам јас. Но е за замислување, бидејќи се случува тполку често, изјави Јаноф.
Таа изјави дека школската администрација ги поддржува овие собири и се надева дека околу 200 демонстрации низ целета земја ќе испратат јасна порака.
Големи собири на ученици имаше и во градот Њујорк, во Порт Вашингтон, Висконсин и во Фалс Чрч, Вирџинија.
Во Калифорнија се собраа над 100 ученици од гимназијата во Санта Кларита, каде во 2019 година беа убиени двајца ученици од тоа школо. Протестот беше за поддршка на националното движење за безбедност од оружја. Од видео ставено онлајн се гледа како тие во собир во школскиот двор, сканидраат „ниту еден повеќе“.