Полнолетно момче од околината на Крањ е осомничено и приведено под сомнеж дека поради одмазда подготвувало напад со оружје, кое го нарачал во САД преку „дарк нет“, и требало да пристигне на неговата адреса во пакет скриен во микробранова печка, потврди словенечката полиција.
Полицијата во соопштение објави дека во тој случај, во соработка на словенечките и американските безбедносни власти, било спречено реализирање на „планирани убиства со оружје“, но не откри повеќе детали.
Оружјето е запленето во САД од страна на Американската служба за внатрешна безбедност, со што е спречен потенцијален оружен напад во Словенија, потврди попладнево полициската управа на Крањ.
Без да го открие идентитетот на осомничениот, полицијата наведе дека станува збор за лице кое досега не било кривично или прекршочно гонето. Поради натамошната истрага, полицијата не сакаше да ги потврди наводите на медиумите дека станува збор за полнолетно лице од околината на Крањ, средношколец со проблеми на училиште, по шпекулациите во печатот дека лицето подготвувало „оружен напад“, сличен на оние кои често се случуваат во САД. Досега нема индиции дека повеќе од една личност учествувале во наводното планирање на оружениот напад.
Американската служба за внатрешна безбедност овој месец открила пиштол „Глок“ и автоматско офанзивно оружје „Ремингтон“ со поврзани видови муниција во пакет испратен за Словенија, по што ги известила словенечките безбедносни органи, кои веднаш интервенирале.