Учениците во Англија веќе учат математика, наука и историја, но стотици училишта се подготвуваат да ја прошират традиционалната наставна програма со нов предмет: свесност.

Во 370 англиски училишта, учениците ќе почнат да практикуваат свесност како дел од студија за подобрување на менталното здравје на младите, соопшти британската Влада.

Тие ќе работат со експерти за ментално здравје за да научат техники за релаксација, вежби за дишење и други методи кои ќе им „помогнат да ги регулираат своите емоции”, се вели во соопштението на Владата во кое информира за програмата.

Целта на програмата е да се проучат кои пристапи најдобро функционираат за младите луѓе во свет на брзи промени. Владата вели дека студијата, која ќе трае до 2021 година, е една од најголемите од ваков вид во светот.

– Како општество, ние сме многу поотворени за нашето ментално здравје од кога и да е порано, но современиот свет донесе нови притисоци за децата, изјави британскиот секретар за образование Дамјан Хиндс.

– Децата ќе почнат постепено да се запознаваат со прашањата околу менталното здравје, благосостојбата и среќата уште од почетокот на основното училиште, додаде тој.

Иницијативата доаѓа неколку месеци откако анкета нарачана од Националната здравствена служба покажа дека едно од осум деца во Англија на возраст меѓу 5 и 19 години страдало од најмалку едно ментално растројство до моментот на нивното проценување во 2017 година.

Истражувањето, кое беше објавено во ноември, исто така покажа мало зголемување на менталните нарушувања кај децата од пет до 15 години, кои во 2017 година се зголемиле на 11,2 проценти, од 9,7 проценти во 1999 година. Нарушувања како анксиозност и депресија се најчести, и тие во 2017 година биле регистрирани кај едно од 12 деца и рани адолесценти, и почесто се јавувале кај девојчиња.

Имран Хусеин, директор за политика и кампањи во британската добротворна организација Акција за децата, состојбата ја нарече „криза во менталното здравје кај децата“.

– Секој ден нашите тимови гледаат деца и тинејџери кои се борат да се справат со тоа како тие се вклопуваат во се посложениот современ свет – се спротивставуваат на работи како што се интензивен притисок на училиште, малтретирање или проблеми дома, и сето тоа додека се бомбардирани од социјалните медиуми, рече тој.

Според него, „услугите како овие можат да ја намалат анксиозноста, болката и маките низ кои поминуваат некои тинејџери, но исто така ја намалуваат нивната потреба за понатамошна интензивна поддршка “.

Но, две парламентарни комисии ги критикуваа владините извештаи врз кои се базира програмата, поради фокусирање на справувањето со емоционалните проблеми, наместо да се спречат. Во извештај објавен минатиот мај, Комитетот за образование,  здравство и социјална грижа напиша: „На стратегијата на Владата и недостасува амбиција и нема да им помогне на мнозинството деца на кои тоа очајно им треба“, а во исто време се зголемува обемот на работа на наставниците.

– Улогата на превенцијата се чини дека е врската што недостасува во градењето подобра поддршка за децата и младите, особено во раните години, истакнаа комисиите. Тие откриле дека социјалните медиуми и училишниот систем на испити со висок притисок можат да имаат особено негативни ефекти врз менталното здравје на младите луѓе.

Меѓутоа, докторката Џесика Дејтон, вонреден професор по детско ментално здравје и благосостојба на Универзитетскиот колеџ во Лондон, која ги предводи владините испитувања, рече дека новата иницијатива има за цел да понуди повеќе од брзи поправки.

– Постои тенденција да се мисли дека решението за менталното здравје е интервенција. Ќе се обидеме да ја намалиме стигмата против проблемите со менталното здравје, со тоа што училишната средина ќе биде описменета за менталното здравје, рече таа.

Дејтон информира дека програмата вклучува неколку тактики, вклучително и обука на наставниците за одржување вежби со играње разни улоги, вежби за релаксација, а ќе бидат поканувани и професионалци за групни дискусии.

– Не треба само да се направи да се чувствуваат подобро на кус рок, туку подобро да се обучат за подоцна во животот, истакна таа.

Њујорк Тајмс/МИА