Суспензија од три натпревари му изрече денеска УЕФА на фудбалерот на Баерн Минхен, Луис Дијаз, поради црвениот картон што му беше покажан во победата од 2-1 над европскиот првак ПСЖ во Лигата на шампионите претходно овој месец.

Дијаз беше двоен стрелец на натпреварот пред да биде исклучен на почетокот на второто полувреме поради груб прекршок врз фудбалерот на ПСЖ, Ашраф Хакими. Ден подоцна, ПСЖ соопшти дека Хакими го повредил левиот глужд и оттогаш мароканскиот дефанзивец нема настап за клубот од Париз.

Тренерот на Баерн, Винсент Компани, очекуваше Дијаз да го пропушти само гостувањето кај Арсенал, закажан за в среда, но колумбискиот фудбалер ќе ги пропушти и дуелите на домашен терен против Спортинг Лисабон на 9 декември и Унион Сен Жил на 21 јануари.

Германскиот тим е на врвот на табелата во Лигата на шампиони со 12 бодови, колку што имаат и Арсенал, на второто и Интер, на третото место. (МИА)