Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски денеска оствари средба со скопските угостители, на која, како што истакнува, произлегле важни чекори за подобрување на нивната работа и на севкупниот урбан амбиент во градот.
– Ако сакаме Скопје да биде чист, уреден и функционален град, мора да поставиме јасни правила и да работиме заедно. Во таа насока, договоривме секој угостителски објект да набави сопствени контејнери и да добие посебен тарифник со прецизни правила за одлагање на отпад, како и термин за собирање кој ќе важи единствено за правните субјекти. Ова ќе значи крај на нередот и почеток на поуредено, поодговорно функционирање, вели Ѓорѓиевски.
За советник задолжен за секојдневна комуникација со угостителите и кабинетот е избран Драган Арсовски, човек со долгогодишно искуство, а избран по предлог на сите чинители во овој сектор.
Тој ќе биде мостот кој ќе ја олеснува координацијата, ќе ги решава проблемите на терен и ќе обезбеди континуирано подобрување на условите за работа.
– Договоривме и до 15 јануари да се достават елаборатите за користење на урбаната опрема која досега во изминатите години не се наплаќаше, со што конечно ќе се стави крај на хаосот и ќе се воспостави јасен ред. Ова се клучни моменти кога сите заедно се ставаме во служба на граѓаните – одговорно, посветено и со јасна цел. Го враќаме ноќниот живот во Скопје, но го враќаме и редот. Нашиот град заслужува да биде полн со енергија, младост и креативност, а тоа е можно само со силна поддршка и вистинско партнерство со угостителскиот сектор. Благодарен сум за разбирањето и поддршката. Скопје заслужува да биде град на култура, современ урбан живот, силна економија и заедно ќе стигнеме до таа цел, нагласува Ѓорѓиевски.




