Во изминатите девет часа до 17 часот во Берово наврнаа 11 литри на метар квадратен, во Крушево девет, а три во Маврово, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи од каде посочуваат дека за врнежите во Скопје ќе информираат после 20 часот.
До крајот на денот, како што информираат, во Скопско и Тетовско се уште времето ќе биде нестабилно со интензивен пороен дожд, грмежи и засилен ветер, особено во Тетовско. Нестабилноста до крајот на денот ќе се намалува и во вечерните и ноќните часови ќе биде претежно стабилно.
Времето утре ќе биде променливо облачно, од пладневните часови нестабилно, на повеќе места со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Локално ќе има поинтензивни процеси во форма на невреме со пообилен дожд за кратко време, силен ветер, електрични празнења и услови за појава на град. Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 20 степени, а максималната ќе достигне од 26 до 32 степена.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, попладне нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Во делови од котлината ќе има услови за појава на невреме. Минималната температура ќе се спушти до 17 степени, а максималната ќе достигне до 30 степени.
До петок ќе се задржи нестабилно време, претпладне претежно сончево, а во попладневните часови на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи. Локално процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен дожд, силен ветер, електрични празнења и појава на град, потенцираат од УХМР.