Под влијание на циклонска активност утре насекаде ќе има врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во јужните делови, каде локално се очекува да наврнат над 40 l/m² за 24 часа, информираат од УХМР.

Во сабота ќе има локални врнежи од дожд, особено во јужните делови, кои попладне ќе престануваат. Од недела ќе настапи стабилизирање на времето со пониски утрински температури, а дневните ќе бидат во пораст.

Во Скопје, утре ќе има врнежи од дожд, кои повремено ќе бидат пообилни, а во сабота ќе бидат со послаб интензитет и попладне ќе престанат.

Од УХМР велат дека има жолто ниво за предупредување од поплави – постои потенцијална опасност од локално излевање на реките и суводолиците во крајните јужни и југоисточни делови на земјата во текот на утрешниот ден.

-Предупредуваме на внимателно движење покрај реките и суводолиците во крајните јужни и југоисточни делови на земјата во текот на утрешниот ден поради можни високи водостои, посочуваат од Управата.