Управата за јавни приходи постави рекорд со наплата на 217 милиони евра од даноци во месец јули.
Директорката Елена Петрова вели дека наплатата на годишно ниво е зголемена за 42 отсто, затоа што била поефикасна наметнатата дисциплина на плаќање во однос на претходниот период кога „се замижувало“ пред должниците.
– УЈП треба постојано да ги потсетува и опоменува должниците и тоа го правевме претходниот месец. Испраќавме пораки преку медиумите и имавме состаноци на национално и локално ниво со сметководители и стопански комори. Но испраќавме и персонализирани пораки до таргетирани групи на даночни обврзници при што пораките содржеа конкретна содржина за самиот даночен обврзник, вели Петрова во изјава во вестите на „Сител“.
Директорката на УЈП најави анализи кои ќе овозможат во следниот период да се прошири даночната база со дејности кои досега прикривале приходи.
И Царинската управа направи рекорд со 195 милиони евра наплатени во јули, а директорот Бобан Николовски вели дека се обратиле до „сите субјекти кои од најразлични причини имале долгувања кон Царината“.
– Втора работа е тоа што се обративме до сите комитенти да си ги платат долговите што ги имаат за закуп на објектите во сопственост на Царинската управа, рече Николовски.