Битолчанец е најбогатиот граѓанин кој се наоѓа на врвот на листата на највисок годишен доход за 2019 година и заработил околу 3,5 милиони евра. Ова го истакна денеска на прес-конференција директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска на која ја објави анализата на Годишните даночни пријави за 2019 година.
-Скопјани доминираат во листата на граѓани со највисок доход, но првото место за 2019 година за остварен највисок годишен бруто – доход во Република Северна Македонија припадна на граѓанин на Битола, кој пријавил 211.360.619,00 денари годишен бруто – доход. Граѓанинка од Скопје е втора на листата со остварен годишен бруто-доход од 172.166.358,00 денари.Во споредба со 2018 година, кога највисокиот остварен доход беше 1.056.992.055 денари, има значајно намалување, така што прворангираниот во 2019 година, кога би се нашол на таа листа, би бил 9-то рангиран, рече Лукаревска.
Највисоката плата пак, била исплатена на лице од Струга, од индустријата со метали – кој годишно пријавил бруто доход од 1,9 милиони евра или месечната плата му била 156 илјади евра. Битолчанец ја има највисоката исплатена дивиденда.
-Највисоката капитална добивка 88.352.113 денари остварена е од граѓанин на Скопје од продажба на сопственички удел од странска компанија, додека највисоката исплатена дивиденда е во износ од 210.411.765,00 денари и исплатена е на граѓанин на Битола кој е сопственик на бизнис кој припаѓа на дејностите во градежништвото; истакна таа.
Лукаревска ги објави милионерите и според возраста.
Најмладиот милионер има 6 години, додека највозрасниот 101 година.