Управата за јавни приходи ја информира дека заклучно со 27 октомври 2025 година, кога истече законскиот рок за поднесување на ДДВ-04 пријавите и плаќање на даночниот долг за третиот квартал од 2025 година, сè уште постојат даночни обврзници кои не ги исполниле своите законски обврски. Според евиденцијата на УЈП, остануваат неподнесени 2.209 тримесечни и 146 месечни пријави, како и 7.436 тримесечни и 1.270 месечни даночни обврзници кои не го извршиле плаќањето на пријавениот даночен долг.

Посочуваат дека редовноста во исполнувањето на обврските е знак на одговорност и доверба, вредности што заеднички го градат системот во кој сите учествуваме и веруваме. Управата за јавни приходи веќе доставила персонализирани известувања до сите обврзници со пријавен, а ненаплатен долг за соодветниот даночен период.

-Во тек е спроведување на активности и мерки во координација со сметководителите и обврзниците, со цел да се избегнат блокади на сметки и дополнителни трошоци за присилна наплата. Важно е да се внимава на роковите, бидејќи за секој ден на задоцнување се пресметува камата во износ од 0,03% од преостанатиот долг, како и изрекување на дополнителни глоби. Оттука, потсетуваме на обврската за точно, целосно и навремено плаќање на поднесените ДДВ-04 пријави. По доставата на опомените, Управата ќе пристапи кон присилна наплата кај сите обврзници кои нема да го подмират долгот доброволно, информираат од УЈП.

УЈП апелира до сите засегнати обврзници да постапат одговорно и навремено, со цел да се обезбеди стабилна даночна историја и да се избегнат непотребни последици.

За дополнителна помош и поддршка, даночните обврзници и сметководителите можат да се обратат преку е-пошта на info@ujp.gov.mk или телефонски на 0800 33 000 (од фиксен) и 02 3253 200 (од мобилен)