Околу 14 илјади трговци поединци и самостојни вршители на дејност се регистрирани во Управата за јавни приходи, кои се опфатени со мерката за 14.500 денари за плата.
Оние кои ги исполнуваат условите од Уредбата со законска сила за финансиска поддршка на физички лица кои вршат самостојна дејност, барањата до Управата за јавни приходи ќе ги поднесуваат на почетокот на мај, односно до 5-ти во месецот. Од УЈП најавуваат дека работат на подготовка на барањето и дека наскоро ќе го објават.
– Во системот Е-персонален данок на Управата за јавни приходи евидентирани се вкупно 10.280 обврзници кои поднеле образец ДЛД-ДБ за 2019 година и 3.865 обврзници со утврден годишен паушален нето доход. Истите ќе се квалификуваат за користење финансиска поддршка доколку ги исполнуваат условите од Уредбата со законска сила за финансиска поддршка на физички лица кои вршат самостојна дејност погодени од здравствено-економската криза предизвикана од вирусот Ковид-19, за време на вонредна состојба (,,Службен весник” бр.92/2020), велат за МИА од Управата за јавни приходи.
Обврзници кои поднесуваат ДЛД-ДБ образец се трговци поединци и вршители на самостојна дејност.
Од овие, барање ќе може да поднесат и да добијат финансиска поддршка само оние кои ќе ги исполнат условите, а кои се однесуваат на тоа во март да имаат најмалку 30 отсто намалување на приходите во однос на месечниот просек во 2019, оние кои се основани по март 2019 да имаат најмалку 30 отсто пад на приходите за месеците април 2020 или мај 2020 во однос на просекот од минатата година вклучително и јануари и февруари 2020, а за сезонските вршители на дејност да имаат пад на приходите за над 30 отсто во последниот сезонски период од четири месеци со истиот период претходната година.
Мерката не може да ја користи самостоен вршител на дејност кој во 2019 година има нето доход пред оданочување или утврден годишен паушален нето доход поголем од 478.800 денари.
Добиената поддршка ќе треба да се врати во Буџетот, но најмногу до износот од 50 отсто од износот на искажаниот финансиски резултат за 2020 година пред оданочување, во Билансот на приходи и расходи, зголемен за непризнаените расходи за даночни цели од Годишниот даночен биланс за утврдвање на данокот на доход.
Добиените средства ќе треба да ги врати во три месечни рати во април, мај и јуни 2021 година.
Мерката се однесува на занаетчии, фризери, козметичари, земјоделци и други самостојни вршители на дејност, а уредбата е донесена на владина седница на 2 април 2020 година.
Од УЈП наведуваат дека во тек е постапка за поставување на барањето на системот на УЈП, преку кое може да се аплицира.
Мерката 14.500 денари за вработен може да ја користат и работодавачите од приватен сектор погодени од здравствено-економската криза, што е пропишано со друга Уредба донесена од Владата на 1-ви овој месец.
Мерката 14.500 денари за плати по вработен е дел од вториот сет економски мерки на Владата за справување со кризата, а целта е да се поддржи ликвидноста на работодавачите од приватниот сектор, односно се намалуваат нивните трошоци за плати во функција на заштитата на работните места на работниците во услови на криза.
Сузи Котева Стоименова за МИА