Откако Апелациониот суд Гостивар одлучи да ја укине Пресудата на тетовскиот суд за пожарот во модуларната болница во Тетово, со која за виновни беа прогласени двајцата директори и правното лице Клиничка болница, во телефонски разговор за Телма еден од обвинетите, Артан Етеми, вели дека ако повторното судење значи дека конечно ќе се дознае вистината тој е подготвен пак да седне на обвнителната клупа. Според него треба да се казнат вистинските виновници.
„Треба вистинските виновници да се казнат. Конечно да излезе вистината и поради тоа јас од самиот почеток соработував со сите истражни органи. Јас како што изјавив претходно и на судењето, не се чувствувам виновен. Многу од доказите кои ги имаше, не ги зедоа предвид. Се согласувам и процесот да започне одново само за да се докаже вистината, иако тој период додека траеше првото судење беше многу тежок за мене и за моето семејство“ – Артан Етеми, еден од обвинетите во случајот Модуларна болница Тетово
Според Апелација предметот се враќа на првостепениот суд на повторно судење, додека ослободителната пресуда за докторот е потврдена.
Одлуката на Апелација следи откако до неа пристигнале жалби од Основното јавно обвинителство Тетово, од обвинетите, но и од оштетените, преку нивните правни застапници.
Обвнителството побарало поостра кривична санкција за обвинетите, додека ослободителните пресуди да се укинат и предметот во тој дел се врати на повторно одлучување пред првостепениот суд.
Одлуката на Апелациониот суд Гостивар е образложена на 21 страница, при што меѓу другото се вели дека констатацијата на првостепениот суд е воопштена и нејасна, односно отсуството на образложени причини за решителни факти, ја прави обжалената пресуда нејасна, неразбирлива и неподобна за целосно испитување по однос на нејзината правилност, на што основано се укажува во изјавените жалби на обвинетите.
Инаку со пресудата на Основниот суд Тетово, донесена на 5-ти јуни минатата година, за пожарот во модуларната болница во кој починаа 14 лица, на обвинетите Флорин Бесими и Артан Етеми им беше изречена условна казна од 18 месеци и парична казна на празвното лице за кривичното дело Тешки дела против општата сигурност, затоа што не поставиле противпожарни апарати, додека докторот Бобан Вучевски и правното лице беа ослободени од обвинение, за непостапување според здрвствени прописи за време на епидемија.