Едно лице загинало а пет се повредени кога проектили погодиле денеска станбена зграда и детска градинка во Киев, во напад кој американскиот претседател Џо Бајден го нарече „варварски“ на денот на отворањето на самитот на Г7 во Германија на кој челниците на седумте индустриски најразвиени земји во светот ќе разговараат за нови санкции против Русија поради војната во Украина, и една седмица пред самитот на НАТО во Мадрид.

Претходно во неделата редовниот дневен брифинг во руското министерство за одбрана во Москва не беше известено дека руските ракетни сили извршиле напад во украинската престолнина Киев, но дека гаѓале воени полигони за обука во северниот и западниот дел на Украина, од кои еден во близина на границата со Полска.

Четири експлозии го потресле центарот на Киев во раните утрински часови, во прв ракетен напад врз градот по долго време. Подоцна во текот на денот се слушнале уште две експлозии на јужната периферија на градот, пренесе репортерот на Reuters.

„Русите повторно го погодија Киев. Проектилите оштетија станбена зграда и детска градинка“, изјави шефот на кабинетот на претседателот Ондриј Ермак.

Репортерот на Reuters јави дека видел голем кратер од експлозија крај игралиштето во приватна детска градинка на која биле скршени прозорците.

Началникот на украинската полиција Ихор Клименко, за националната телевизија изјави дека пет лица се ранети, а полицијата во Киев подоцна објави дека едно лице загинало.

Меѓу оние кои се пренесени во болница по ракетирањето на центарот на Киев е и седумгодишно дете, според истиот извор. Експлозиите предизвикале пожар во станбена деветкатница, а делумно се урнале седмиот, осмиот и деветтиот кат. На местото биле испратени 70 пожарникари.

„Тоа е уште нивно варварство“, изјави американскиот претседател Џо Бајден кој учествува на самитот на Г7 во Германија.

Украинската Национална гарда тврди дека утрово врз Киев биле истрелани најмалку 14 проектили, во „надолготрајниот континуиран оган кој градот го доживеа последните месеци“.

Како што претходно беше објавено во Москва, руските воздушно-космички сили ги нападнале трите центри за обука на украинската војска со што спречиле префрлање на неколку единици на линијата на фронтот, а нападите биле изведени со „високопрецизно оружје и ракети Калибр“.

Меѓу целите бил и воениот центар за обука на украинската војска во округот Старичи во регионот на Лвов, околу 30 километри од границата со Полска, којашто е членка на НАТО а неколку дена пред самитот на воениот сојуз во Мадрид, забележува Reuters.

„Истрелани се повеќе од 50 проектили од различни типови – воздушни, морски и копнени“, соопшти командата на украинските воздушни сили истакнувајќи дека е „тешко да се пресретнат“ рускиот проектили како „Искандер“, иако тие според рускиот извештај не биле користени последното деноноќие.

Неименуван украински функционер претходно изјави дека имало најмалку шест експлозии во регионот на Киев, потоа во централниот град Черкаси, како и ракетни удари во регионот на Харков.

Нападите се извршени на денот на отворањето на самитот на Г7 и пред состанокот на врвот на НАТО, а киевскиот градоначалник Виталиј Кличко ги нарече „обид за заплашување“ на Украинците.

„Тие напаѓаат пред самитот на НАТО. Тоа е можеби симболично, симболична агресија во текот на овој ден“, рече Кличко.