Украина изразила подготвеност да ги прифати американските барања за примирје со Русија, објави Стејт департментот по завршувањето на денешните разговори во Саудиска Арабија.

Во заедничкото соопштение на двете делегации, Украина кажа дека е спремна да го прифати американскиот предлог за спроведување на привремен, 30-дневен прекин на огнот, кое би можело да се продолжува со заемен договор на двете страни. Останува предлогот да биде прифатен од Русија.

Америка даде понуда, што Украина ја прифати, да се прогласи примирје и да се почне со преговори за крај на војната на начин што би бил траен и одржлив. Главната цел на овој предлог е да запре пукањето“, изјави државниот секретар на САД, Марко Рубио.

Ќе ја однесеме оваа понуда кај Русите и се надевам дека ќе кажат ‘да‘. Топката е во нивниот двор“, рече Рубио, додавајќи дека договорот за минерали не беше тема на повеќечасовните разговори во Џеда.

Американско-украинската средба во Џеда заврши по деветчасовни преговори, јавуваат саудиските медиуми.

Украина, која настојува на обновување на американската воена помош и размена на разузнавачки информации, предложила делумно примирје како дел од дискусиите.

Оваа средба е прва на високо ниво помеѓу Вашингтон и Киев откако во февруари украинскиот претседател Володимир Зеленски и актуелниот американски лидер Доналд Трамп разменија остри реплики за време на нивната средба во Белата куќа.