Ситуацијата во Покровск и неговата околина е исклучително напната откако помали руски пешадиски групи успеаја да се инфилтрираат во градот, каде што сега се водат улични борби, јавуваат украинските медиуми.
Генералштабот на вооружените сили на Украина, соопшти дека околу 200 руски војници навлегле во градското подрачје, а руските сили, кои имаат бројна супериорност, продолжуваат да ја ескалираат офанзивата.
– Во Покровск во тек се оружени судири, а беспилотните единици активно дејствуваат. Обидите на непријателот да напредува подлабоко во градот и да се утврди во урбаните средини се потиснати со специјални операции насочени против саботери, објави Генералштабот на Војската на Украина.
Украинската страна ги опишува борбите како „многу динамични и интензивни“, истакнувајќи дека Русија ја зголемила употребата на оклопни возила во нападите во последните денови. Само во изминатите пет дена, регистрирани се 41 напад со оклопни возила по целата линија на фронтот.
И покрај тешката ситуација во Покровск, Киев тврди дека украинските сили бележат успеси во секторот Очеретјен. Во изминатите 10 дена, тие ја вратиле контролата врз населбите Кучерив Јар и Сухецке, и успеале да ослободат 185,6 километри квадратни во регионот Донецк.




