Украинската делегација на седница на Контакт групата ја потпиша таканаречената „Формула на Штајнмаер“ со која се регулира механизмот за одобрување посебен статус на Донбас.
Потпишувањето на формулата на Штајнмаер е важен чекор кон решавање на конфликтот во Украина, иако остануваат неколку отворени прашања, изјави по потпишувањето Богдан Безпалко, член на рускиот претседателски Совет за меѓуетнички односи.
– Останува отворено дали договорите од Минск ќе бидат спроведени во реалност или се доволни поголем број на договори, потоа начинот за воспоставување контрола над границата на источната зона на Украина, дали тоа значи вистинска самоуправа на одделни области во регионите Доњецк и Луганск. Ова и многу други прашања допрва треба да се решат, рече Безпалко.
Украинскиот претседател Владимир Зеленски претходно потврди дека Украина ја усогласи формулата на Штајнмаер со другите учесници во преговорите за решавање на ситуацијата во Донбас, како и дека сега таа ќе биде додадена во новиот закон за специјален статус на регионот.
– Формулата на Штајнмаер мора да се имплементира во новиот закон за специјален статус. А законот прво треба да биде усвоен во Парламентот пред крајот на годината, рече тој.
Формулата на Штајнмаер, која ја претстави тогашниот германски министер за надворешни работи Франк Валтер Штајнмаер, предвидува на Донбас да му се даде специјален статус, во согласност со договорот од Минск.
Документот предвидува дека посебниот закон за локална самоуправа на Украина ќе влезе во сила во одредени области на регионите Доњецк и Луганск на денот на локалните избори, кој ќе стане траен откако Организацијата за европска безбедност и соработка (ОБСЕ) ќе ги објави конечните резултати.