Средба меѓу украинскиот претседател Володимир Зеленски и американскиот претседател Доналд Трамп е закажана за среда на маргините на самитот на НАТО во Хаг, изјави денес неименуван висок украински функционер за украинските медиуми.
Тој потврди дека фокусот на разговорите ќе биде континуираниот притисок на Западот врз Русија, вклучително и санкциите и намалувањето на продажната цена на руската нафта, што е клучен извор на приход за Москва и извор од кој Москва ја финансира својата војна со Украина, објави Укринформ.
На дневен ред на разговорите меѓу Зеленски и Трамп ќе биде и купувањето американско оружје, вклучувајќи ги и американските системи за воздушна одбрана „Патриот“, неопходни за ефикасна одбрана на украинските градови од руските воздушни напади.
Откако Доналд Трамп дојде во Белата куќа, САД речиси и да не обезбедија нова воена помош за Украина, потсети неименуван украински функционер.