Украинската професорка со македонски корени, беше меѓу стотиците Украинци кои спас од војната побараа во Македонија. Една година од почетокот на руската инвазија, таа е вратена назад во родниот Харков. Лошото македонско образование, го победило стравот од бомбите.

Кога пред една година, Русија почна да фрла бомби во Украина, Стојана Семенова, Украинка со македонски корени, заедно со синот и мајката најде прибежиште во Македонија, во селото Негорци каде живеат нејзините роднини. Една година подоцна, таа е вратена во родниот Харков. Под постојани ракетни напади, го реновира својот дом и се обидува да има, колку што е можно, понормален живот.

За изминатата година вели дека била вистински ролеркостер. Прво, морала да се соочи со идејата дека во нејзината земја има војна, за потоа да дојде во Македонија. За време на посетата на РСЕ во Негорци, лани во април, Семенова како професорка по англиски јазик, онлајн им ги држеше часовите на своите украински ученици. Првичниот план беше тука да останат неколку месеци, дури заврши војната. Идејата за подолг престој во земјава ја отфрлиле, поради малите можности за образование на нејзиниот деветгодишен син.

– Јас сум многу благодарна на Македонија, бидејќи кога бев апсолутно скршена, немав идеја што да правам, ме прифати, ми даде место, време, ми даде се. Но, прво, дома си е дома. Второ, образовните програми се далеку поразвиени, дури и во Украина, која е во војна. И не сакам никој да навредам, но така е. Јас не видов можности. Мојот син е причината зошто се вратив, децидна е Семенова.

Извор: РСЕ