Украинската компанија „Фајер поинт“ (Fire Point) работи на развој на поевтин систем за противвоздушна одбрана (ПВО), кој би можел да стане оперативен веќе следната година, со цел да понуди алтернатива на американскиот систем „Патриот“.

Соосновачот и главен конструктор, Денис Штилерман, изјави дека целта е цената за пресретнување балистичка ракета да се намали на помалку од еден милион долари. Компанијата води преговори со европски партнери за соработка во областите на радарите, навигацијата и комуникациските системи, а како потенцијални соработници се споменуваат компаниите „Вајбел“ (Weibel), „Хенсолт“ (Hensoldt), „Саб“ (Saab) и „Талес“ (Thales).

– Ако успееме да ја намалиме цената под еден милион долари, тоа ќе биде пресвртница во противвоздушната одбрана – рече Штилерман, додавајќи дека првото успешно пресретнување во реални услови се очекува до крајот на 2027 година. Тој посочи дека за соборување една балистичка ракета често се потребни две до три ракети од системот „Патриот“, чија цена достигнува по неколку милиони долари по единица.

Компанијата чека одобрување од властите за инвестиција од блискоисточен конгломерат, кој ја вреднува на 2,5 милијарди долари. Потенцијалната инвестиција би овозможила проширување на производството и развој на сателити во ниска орбита. Украинските власти треба до октомври да одлучат за продажба на 30 отсто од компанијата за околу 760 милиони долари, а медиумите наведуваат дека станува збор за „Еџ груп“ (Edge Group) од Обединетите Арапски Емирати.

„Фајер поинт“ моментално произведува стотици дронови дневно со цена од околу 50.000 евра, како и ракети „Фламинго“, чија цена е околу 600.000 евра. Се очекува дополнително зголемување на капацитетите со отворање нова фабрика за мотори и за ракетно гориво во Данска.

Компанијата е основана по руската инвазија во 2022 година и е еден од водечките украински производители на дронови со долг дострел. Нејзината ракета „ФП5 Фламинго“ веќе била користена во напади врз руски воени цели, вклучително и врз фабрика за балистички ракети на оддалеченост од околу 1.400 километри.

Благодарение на искуството од војната, Украина стана еден од водечките иноватори во областа на поевтината одбранбена технологија, а растечката глобална побарувачка ги поттикнува домашните компании да бараат извозни можности под строга државна контрола.

МИА