По 26 дена војна, има одредени промени во мировните преговори, изјави украинскиот преговарач Михајло Подољак за Би-Би-Си. „Отпорот на Украина ја принуди Русија поадекватно да ја процени реалноста на ситуацијата, што помогна да се поттикне некој вид дијалог“, рече тој за Би-Би-Си.

Но, секоја одлука за мировен договор ќе биде донесена меѓу украинскиот претседател Володимир Зеленски и рускиот лидер Владимир Путин, додаде тој.

Подољак вели дека нема договорен датум кога би можел да се одржи нивниот состанок.

Иако одбива да даде детали за преговорите, Подољак јасно става до знаење дека Киев нема да направи никаков компромис за територијалниот интегритет или суверенитет на Украина.

Тој уште еднаш ја изрази фрустрацијата на Киев поради одбивањето на НАТО да воведе зона на забранети летови во Украина.

„Тие не ни го затвораат небото, туку стојат настрана во време кога 10 милиони луѓе бараат место за живеење, а три милиони веќе ја напуштиле земјата. Ова е хуманитарна катастрофа во Европа“, рече тој.