Шефот на украинската дипломатија Дмитри Кулеба не доаѓа на министерскиот состанок во Скопје. Русија го уништува ОБСЕ, а доаѓањето на руска делегација ќе ја влоши кризата во организацијата, порача официјален Киев.
Портпаролот на министерството за надворешни работи на Украина, Олег Николенко ја објави одлуката на социјалните мрежи и порача дека Москва го злоупотребува правилото за консензус, се служи со закани и отворени уцени, ја блокираше кандидатурата на Естонија, но и дека Русија незаконски приведе тројца Украинци претставници на ОБСЕ, кои се во затвор повеќе од 500 дена.
Официјален Киев се заблагодари на напорите на Македонија и на министерот Османи, порачаа дека се благодарни за високиот професионализам, но и покрај тоа, Украина нема да учествува на состанокот на ниво на министер.
-Русија создаде егзистенцијална криза во ОБСЕ и ја претвори организацијата во заложништво на нејзините каприци и агресија. Во такви услови, присуството на руската делегација на министерскиот состанок на министерско ниво за првпат од почетокот на целосната инвазија на Русија во Украина само ќе ја влоши кризата во која Русија ја воведе ОБСЕ. Заедно мораме да работиме на спасување на ОБСЕ од Русија, а не со испраќање сигнали за можноста за враќање на формите на соработка кои постоеја до февруари 2022 година, на државата која ја спроведе најголемата вооружена агресија во Европа од крајот на Втората светска војна и грубо ги прекрши сите принципи на завршниот акт на Хелсинки. – порачаа од амбасадата на Украина.