Украинскиот министер за одбрана Олексиј Резников категорично ги отфрли тврдењата за корупција по обвинувањата дека војската купувала храна за војниците по многу зголемени цени, јави ДПА.
„Се чини дека најочигледната цел е обид да се поткопа довербата во Министерството за одбрана во многу важен момент“, напиша тој денеска на Фејсбук.
Нема фактичка основа за обвинувањата, рече тој, притоа ветувајќи целосна транспарентност во истрагата.
-Всушност, ова е вообичаена техничка грешка што ја направил добавувачот, рече министерот, нудејќи објаснување за цената што војската ја платила за јајцата.
Наместо единечна цена, за јајцата била дадена цена од 100 грама. Ова би ја објаснило трипати повисоката цена во споредба со малопродажните цени во главниот град Киев.
Трошоците за транспорт, вклучувајќи ги и ризиците од испорака во близина на фронтот, доведоа до повисоки цени, рече тој. За секој војник беа предвидени дневни трошоци за храна од нешто помалку од 3,7 долари.
Зголемувањето на трошоците од лани е 21,5 отсто, што е под официјалната стапка на инфлација од 26,6 отсто.
Неодамнешниот извештај во весникот Zn.Ua за цените по кои војската набавувала храна предизвика бурни реакции во Украина, која се смета за една од најкорумпираните земји во Европа, пишува ДПА.
Одговорните органи потоа потврдија дека веќе биле започнати истраги за набавки во еквивалент од околу 325,9 милиони американски долари.
Украина речиси 11 месеци се брани од руската инвазија. Финансирањето на воените трошоци во голема мера зависи од западните пари.