Договорот за минерали меѓу Украина и САД треба да биде договор за соработка под еднакви услови за двете земји, изјави денеска украинскиот премиер Денис Шмихал на заедничката прес-конференција во Брисел со високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Каја Калас и еврокомесарката за проширување, Марта Кос.
-Имаме ограничувања на содржината на договорот, наведени со уставот и нашите обврски кон ЕУ, додаде Шмихал, кој учествуваше на десеттиот состанок на Советот за асоцијација ЕУ-Украина. „Верувам дека за неколку месеци можеме да постигнеме значителен напредок на патот кон ЕУ“, рече тој.
Украинскиот премиер повика на конфискација на рускиот имот запленет во ЕУ и негово користење за обнова на неговата земја.
-ЕУ може да и ја обезбеди на Украина потребната муниција, изјави Калас.
Според неа, Русија не сака мир, откако продолжува и ги зголемува нападите, иако Украина безусловно прифатила прекин на огнот. Таа посочи дека Киев наскоро ќе добие трансфери од приходите од камати од запленетиот имот, а дел од средствата ќе бидат наменети за украинската одбрана.
-Постигнуваме напредок со проценката на украинското законодавство, ова е првиот дел од пристапните преговори, додаде Калас.
Таа коментира дека заробувањето на кинески војници во Украина не значи дека кинеската армија е директно вклучена во војната. Кина и Северна Кореја ја поддржуваат војната, додаде Калас.
-Помошта на ЕУ за Украина е долг и долгорочна инвестиција во европската безбедност, изјави еврокомесарката Марта Кос.
Пристапувањето на Украина во ЕУ е важна гаранција за безбедноста на земјата, додаде таа. Според неа, 26 земји од ЕУ во суштина го поддржуваат почетокот на пристапните преговори со Киев.