Митрополитот Павел, игумен на манастирот Киевско-Печерска лавра во главниот град на Украина, е ставен во домашен притвор, како што тој самиот изјави за новинарите. „Ме пратија во домашен притвор“, вели тој на снимката што ја објави медиумската куќа „Вести“.
Информацијата се уште не е официјално потврдена. Службата за безбедност на Украина (СБУ) претходно објави дека митрополитот Павел е осомничен за поттикнување раздор и работа за Русија. Членови на СБУ ја пребаруваат неговата резиденција, пишува руската државна новинска агенција Тасс.
Извор од полицијата за украинскиот медиум Liga.net потврдил дека митрополитот е осомничен за „поттикнување меѓуверска омраза и оправдување на вооружената агресија на Русија“.
Денешните настани следат по одлуката на митрополитот Павел и другите членови на Украинската православна црква на Московската патријаршија, поддржана од Русија, да останат во стариот манастир во Киев и покрај повиците на украинската влада да го напуштат.
Неколку дена откако Министерството за култура на Украина издаде соопштение во кое ги повика монасите на украинскиот огранок на Руската православна црква да ја напуштат Киевско-Печерската лавра до 29 март, Московската патријаршија соопшти дека нема намера да замине, пишува Киев Индипендент.