Руските сили уништиле детска болница во опколениот украински град Мариупол во југ-источна Украина, обвинија попладнево властите во Киев.
Претседателот на државата, Володимир Зеленски на твитер објави видео снимка од страотното уништување на повеќе објекти со пораката дека станува збро за директен напад на детската болница, во чиј состав има и дел за новороденчиња.
Според Зеленски, под урнатините се голем број убиени луѓе и деца.
„Уште колку долго светот ќе биде сојузник кој го игнорира теророт? Затворете го небото веднаш! Запрете со убивањата! Ја имате моќта, но се чини дека ја губите хуманоста.“ – напиша Зеленски на Твитер.
Во информациите на градската власта на Мариупол, руските окупациони сили со повеќе бомби ја нападнале детската болница, а се уште нема прецизни информации за тоа колку многу жртви има во разорните експлозии.
„Одделот за новороденки во центарот на градот, детскиот оддел и одделот за терапија во болницата – сите се уништени во рускиот воздушен напад на Мариупол“ – напиша во својата објава, шефот на регионалната воена администрација, Павло Кириленко.
Кириленко тврди дека поголем број повредени во нападот биле префрлени во најблиската болница.
Снимка од уништувањето објави и украинскиот пратеник Дмитро Гурин.
Според него, повеќе жртви досега биле извадени од под урнатините.