Украински војници испукаа неколку истрели во воздух за да го спречат стампедото на главната железничка станица во Киев додека илјадници луѓе денеска се обидуваа насилно да влезат во возовите за евакуација.
Гужвата беше таква што не секој можеше да се качи во возовите од Киев за Лавов на западот на земјата, додека расте стравот од руски напади.
Кога возот застана на перонот, луѓето побрзаа со надеж дека ќе влезат, некои од нив со деца и домашни миленици.
Откако се слушнаа врисоци, чуварите испукаа неколку истрели во воздух за да ја растераат толпата.
Gunshots rang out on a crowded platform at Kyiv station, as people tried to board a train to escape the city ⤵️
🔴 LIVE updates: https://t.co/BLd5NA7n4X pic.twitter.com/CAJVADUqGW
— Al Jazeera English (@AJEnglish) February 25, 2022
Триесетгодишната Марија се откажала од обидот да замине откако поминала неколку часа на платформата со сопругот, детето и кучето.
„Можете сами да видите, опасно е да се пробие толпата со дете. А кучето е исплашено. Искрено, исцрпени сме“, изјави таа за новинарот на Ројтерс.
И некои странски студенти се обидуваа да заминат. Една од нив, девојка од Монголија, која беше на перонот, рече дека на неа и на нејзините колеги студенти им била понудена можност да бидат евакуирани дома доколку можат да стигнат до Полска, која граничи со западна Украина.
Додека украинските војници минуваа низ станицата, луѓето аплаудираа и извикуваа воени поздрави: „Слава на Украина!“, „Слава на хероите!“
„Не се плашам од ништо“, рече Ирина, 35-годишна жена која исто така не успеа да се качи во возот.
„Ние се залагаме за вистината и ако сме за вистината, Бог е на наша страна. Подготвена сум да останам во Киев доколку е потребно и да дадам морална поддршка за нашата армија“, рече таа.
Многу други избраа да заминат, а патиштата кои водеа од главниот град се пренатрупани два дена. Десетици илјади веќе успеаја да ја напуштат земјата, главно жени и деца, додека на мажите кои се доволно возрасни за да се борат, им беше кажано да останат.