Украинскиот министер за одбрана Рустем Умеров синоќа соопшти дека со американскиот колега Лојд Остин телефонски разговарале за ситуацијата на фронтот во војната против Русија, како и за набавката на оружје.
„Го информиравме министерот за одбрана Остин за моменталната ситуација на фронтот и разговаравме за промените во најважните сектори. Работиме заедно за да ги обезбедиме потребите на украинските вооружени сили и да ги зголемиме капацитетите на армијата“, напиша Умеров на својот канал на платформата Телеграм.
Разговорот го потврди и портпаролот на Пентагон. „Секретарот Остин повтори дека САД и нашата коалиција од околу 50 сојузници и партнери ќе продолжат да ја поддржуваат Украина во нејзината тековна борба против руската агресија“, посочи портпаролот.
Претходно, Остин за време на сослушувањето во Комитетот за вооружени сили на Претставничкиот дом на САД рече дека Русија и НАТО, доколку Украина падне, би можеле да влезат во директен воен конфликт.
фото: архива