Речиси 260 милиони деца во светот немале пристап до училиште во 2018 година, се наведува во денеска објавениот извештај на УНЕСКО, додавајќи оти пандемијата со Ковид-19 влијае врз сиромаштијата и дискриминацијата.
Во извештајот се наведува дека децата од посиромашните заедници, како и девојчињата, лицата со хендикеп, имигрантите и припадниците на етничките малцинства, се наоѓаат во понеповолна положба во споредба со образованието во голем број земји.
Околу 258 милион деца и млади во 2018 година биле целосно исклучени од образовниот процес, а сиромаштијата е основната бариера за пристап до училиштата. Тоа претставува 17 проценти од децата на училишна возраст, а поголемот број од нив се од Јужна и Централна Азија и Африка и субсахарска Африка, се посочува во извештајот на УНЕСКО.
Oрганизацијата за oбразование, наука и култура на ОН наведува и дека разликите се продлабочија поради пандемијата со новиот коронавирус, бидејќи 90 отсто од училиштата во светот се затворија, а милиони деца не се во можност да следат настава преку комјутер, мобилен телефон.
– Лекциите од минатото, на пример како еболата, покажа дека здравствените кризи влијаат врз најсиромашните девојчиња, кои повеќе не се враќаат во училиште, истакна генералната директорка на УНЕСКО, Одри Азуле.
Во извештајот се наведува дека во земјите со ниски и средни приходи, адолесцентите од најбогатите 20 отсто од домаќинствата имаат трипати поголема веројатност да го завршат првиот дел од средното училиште до 15-годишна возраст во споредба со сиромашните деца. Додека децата со посебни потреби имаат 19 проценти помалку можности да го достигнат минималното образовно ниво во 10 од овие земји.
УНЕСКО истакнува дека во 20 сиромашни земји, главно во субсахарска Африка, речиси и да нема девојчиња од руралните срединиво училиштата.
Во САД, учениците од ЛГБТИ семејства имаат речиси три пати поголема веројатност да останат дома наместо да одат на училиште затоа што се чувствуваат несигурни.
Во две африкански држави сè уште е забрането бремени девојчиња да се образуваат, а во 117 земји дозволени се детски бракови, а 20 држави сè уште не ја ратификувале Меѓународната конвенција за забрана на детски труд.
Според УНЕСКО, околу 335 милиони девојчиња посетувале училишта во кои немало санитарни услови.
Во извештајот на УНЕСКО се посочува и дека во неколку земји од Централна и Источна Европа се сегрерираат ромските деца во редовните училишта. Сегрегацијата е забележана и во Азија, пред се на бегалците Рохинџи.
Многу земји сè уште практикуваат сегрегација на образованието, што ги зајакнува стереотипи, дискриминација и отуѓување, се наведува во извештајот.
Додека само во 41 земја официјално се признава знаковниот јазик, а училиштата ширум светот повеќе сакаат да пристапат на интернет отколку да се грижат за учениците со посебни потреби.
УНЕСКО апелира до државите да се фокусираат на децата во неповолна положба кога повторно ќе се отворат училиштата, што беа затворени поради пандемијата.
– За да се соочиме со предизвиците на нашето време, императив е да се премине на поинклузивно образование. Ако тоа не го направиме ќе биде спречен развојот на општествата, посочи Азуле.