Унгарската влада планира да изготви акциски планови за заштита на работните места и на производството во Унгарија по трговскиот договор меѓу САД и Европската Унија, изјави денес премиерот Виктор Орбан.
Тој во изјава за радиото „Кошут“ рече дека унгарскиот извоз во САД вреди приближно 11 милијарди долари годишно и дека е важно компаниите што извезуваат во таа земја да не отпуштаат луѓе или да не затвораат производствени погони, објави „Ројтерс“.
Унгарската влада претходно го критикува царинскиот договор меѓу Европската Унија и Соединетите Американски Држави наведувајќи дека е „штетен за европските интереси, вклучително и Унгарија“.
На редовната прес-конференција, шефот на кабинетот на унгарскиот премиер, Ѓерѓели Гуљаш, вчера ја критикува Европската комисија за тоа што се согласила на ослободување од царински давачки за САД, а ЕУ прифати царина од 15 проценти за нејзиниот извоз во САД, објави МТИ.
Тој го нарече тој договор понижување за ЕУ и истакна дека, доколку Унгарија преговараше независно, ќе постигнеше подобар договор со претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп.