Унгарските власти електронски ги надгледуваат лицата кои се наоѓаат во домашен карантин дали се придржуваат до правилата.

– Досега, 266 лица, кои се во карантин дома, се согласија властите електронски да ги надгледуваат, рече Роберт Киш, портпарол на Оперативниот комитет за борба против новиот коронавирус.

Киш на прес-конференција појасни дека луѓето кои се дома во карантин можат да ја преземат апликацијата, која и овозможува на полицијата да ги следи дали ги почитуваат правилата, пренесува МТИ.

Тој додаде дека властите во петокот им наредиле на уште 799 граѓани да одат во карантин дома, со што вкупниот број ќе изнесува 10.927.

Во Унгарија 3.213 луѓе се заразени со вирусот Ковид-19, додека 405 починале.