Бројот на мигранти кои се обидуваат илегално да влезат во ЕУ преку Западен Балкан се зголемува и оваа година надмина 82.000, соопшти денеска унгарското Министерство за надворешни работи, цитирајќи го министерот Петер Сијарто на конференцијата за миграции во Виена.
Според соопштението на Министерството, секојдневно се евидентираат обиди за илегално преминување на границата во Унгарија, а владата од 2015 година потроши 1,2 милијарди евра за заштита на границите, пишува МТИ.
Сијарто истакна дека пред шест години ЕУ остро ја критикуваше Унгарија за подигнувањето ограда на јужната граница на земјата, а некои критичари ја нарекоа Унгарија „најтемниот диктаторски режим на 20. век“.
– Сега истите тие земји ги фалат другите држави кои подигнаа ограда за одбрана на надворешните граници на ЕУ, додаде шефот на унгарската дипломатија.
Тој изрази загриженост поради „неодговорните изјави на бриселската институција и западноевропските политичари“, нагласувајќи дека тие можат да се протолкуваат како покана до оние кои планираат да ја напуштат својата земја.
– Ситуацијата е уште потензична отколку во 2015 година, рече Сијарто, додавајќи дека четири милиони внатрешно раселени лица од Авганистан ќе го зголемат миграцискиот притисок.
Тој повтори дека треба да има задолжителни квоти за мигрантите и никој не треба да ги поттикнува потенцијалните мигранти да ја напуштат својата татковина.
– Да бидам искрен, понекогаш не знам дали Брисел сака да ја запре или да ја поттикне миграцијата, изјави унгарскиот министер.
Сијарто оцени дека миграциската политика треба да остане под национална контрола, при што сите земји-членки на ЕУ имаат право да одлучат кому ќе дозволат да влезе на нивна територија