Ситуацијата во Украина може да предизвика најголема бегалска криза во Европа во 21 век со повеќе од 600.000 бегалци за кои се верува дека досега избегале од Украина во соседните земји, соопшти денеска УНХЦР.
УНХЦР мобилизира ресурси за да одговори што е можно побрзо и ефикасно, се додава во соопштението.
Претходно, УНХЦР упати апел за помош од 1,7 милијарди американски долари, проценувајќи дека 12 милиони луѓе во Украина би можеле да имаат потреба од помош и заштита, а уште четири милиони се очекува да имаат потреба од помош во соседните земји.
Иако видовме огромна солидарност и гостопримство од соседните земји при приемот на бегалците, вклучително и од локалните заедници и приватните граѓани, ќе биде потребна многу поголема поддршка за да им се помогне и да се заштитат новодојдените, истакна високиот комесар на ОН за бегалци, Филипо Гранди.
Според УНХЦР, нејзината програма за помош ќе вклучува „парична помош за најранливите луѓе, помош во храна, вода, поддршка на здравствените и образовните служби и помош во засолништата за обнова на оштетените домови“.
Според УНХЦР, 1,1 милијарда долари од финансирањето ќе бидат искористени за помош на шест милиони луѓе во Украина за период од три месеци.