Фондот на ОН за помош на децата (УНИЦЕФ) објави дека повеќе од 115.000 деца во Либија не одат на училиште поради тековната криза и конфликтот во таа држава.

УНИЦЕФ предупредува дека засилените конфликти во Триполи и перифериите имаат катастрофални последици за образованието. Во соопштението се вели дека во регионите Аин Зара, Абу Салим и Суг ал Џумаа, пет училишта се урнати, а 210 училишта се затворени и над 115.000 деца останале надвор од клупите.

„Родителите не треба да бидат присилени да избираат помеѓу испраќањето на своите деца на училиште и нивната безбедност“, нагласуваат од УНИЦЕФ.

Либија е сцена на длабока политичка и безбедносна криза од 2011 година, кога беше убиен либискиот лидер Моамер Гадафи. Оттогаш се води борба за доминација меѓу ривалските табори со седишта во Триполи и во Тобрук.

Лидерот на сепаратистичките сили на исток во Либија, Калифа Хафтар почна напади минатиот април за заземање на Триполи, но беше спречен од либиските владини сили за национално единство.

На 12 декември минатата година, Хафтар објави дека започнува нови напади врз Триполи.