Претставничката на УНИЦЕФ во земјава, Патриција ди Џовани во допис до медиумите реагира за дезинформации во врска со коронавирусот што се појавуваат на социјалните мрежи, а за кои како извор се наведува токму оваа организација на Обединетите нации.

Ди Џовани наведува дека во овој момент е потребна внимателна подготвка што се потпира на научни податоци и дека многу луѓе споделуваат информации за вирусот и за тоа како да се заштитиме од него, но само некои од тие информации се корисни и проверени.

– Вчера видовме информација што широко се распространи преку социјалните медиуми во која УНИЦЕФ беше наведен како извор. Информацијата почнува со давање совет за користење маски и завршува со препорака да се прави гаргара со топла вода и сол за да се уништи вирусот во грлото. Тоа не е вистина. УНИЦЕФ не е извор на оваа информација. Сите информации што УНИЦЕФ ги споделува се објавуваат на локалната веб страна [unicef.mk] на глобалната веб страна [unicef.org] и преку социјалните медиуми Твитер, Фејсбук, Инстаграм и Јутјуб, истакнува претставничката на УНИЦЕФ.

Ди Џовани ги повика сите што веќе ја споделиле таа информација да ги поправат своите постови така што ќе ја избришат информацијата и ќе ги известат своите мрежи дека информацијата не е точна и не доаѓа од УНИЦЕФ.

– Ги охрабруваме сите да бидат претпазливи и одговорни кога станува збор за споделување информации со тоа што секогаш ќе проверат дали таа доаѓа од проверен извор како што се Министерството за здравство, Институтот за јавно здравје, Светската здравствена организација и УНИЦЕФ. Одговорноста да се заштитиме себеси и другите вклучува и одговорност да провериме дали споделуваме информација од сигурен извор. Ширењето дезинформации во време на здравствена криза ги прави луѓето незаштитени и поподложни на болеста, дополнително ширејќи параноја, страв и стигматизација, се наведува во реакцијата.