Велика Британија би требало да се обврзе дека ќе даде 20 проценти од своите вакцини на други земји во итна потреба уште во јуни, соопшти УНИЦЕФ, додавајќи дека Велика Британија сепак ќе има доволно вакцини за да го имунизира секој возрасен до крајот на јули.
УНИЦЕФ проценува дека Велика Британија ќе има доволно резервни дози на вакцини оваа година за целосно вакцинирање на 50 милиони луѓе ширум светот и ја повикува британската влада да даде пример за Г7 со тоа што ќе почне да ги споделува следниот месец, објави британски Гардијан.
Вакцинацијата на населението во другите земји е единствениот начин да се осигура дека нема да се шират нови варијанти на коронавирусот, наведе УНИЦЕФ.
Фондот за деца на Обединетите нации го објави повикот пред самитот на Г7 следниот месец во Велика Британија.
Светската здравствена организација (СЗО) претходно ја повика Групата седум (Г7) да финансира глобално закрепнување од Ковид-19, предупредувајќи дека кризата во светот не може да се реши ако најразвиените земји не ги засилат своите активности.
СЗО соопшти дека Г7, која се состои од Велика Британија, САД, Канада, Франција, Германија, Италија и Јапонија, има можност да ги финансира вакцините, тестовите и протоколите за третман потребни за да се победи пандемијата, пренесува Гардијан.