Светската организација за заштита на природата (WWF) денеска објави извештај во кој се наведува дека повеќе од половина видови на ајкули во Средоземното Море се загрозени и предупредува дека тоа е сигнал за уништување на Медитеранот.
– Повеќе од половина видови на ајкули во Средоземното Море се загрозени, а речиси една третина од нив се лови до степен на изумирање. Загрижувачката состојба на морските грабливци е јасен сигнал за целосно уништување на Средоземното Море, чиј див свет е десеткуван поради прекумерниот лов, пишува во извештајот на WWF.
Извештајот под името „Ајкулите во криза: повик на акција за Медитеранот“ е објавен еден ден пред одбележувањето на денот посветен на морските кучиња – 14 јули.
Во него се објаснува дека прекумерното ловење е најголема закана за средоземноморските ајкули, на што влијаат сите видови на риболов, а две медитерански земји се први на листата во ловење морски кучиња: Либија (4.260 тони) и Тунис (4.161 тон).