Градоначалникот на Општина Гостивар Арбен Таравари преку социјалните мрежи ја објави пресудата на Управниот суд со која се поништува решението на Министерот за образование и наука за одземањето на ингеренциите.
Обраќањето на Таравари до јавноста се однесува на случајот со одземените ингеренции за разрешување и назначување директори во основни и средни училишта, заради, како што беше наведено, незаконски постапувања кои ги констатирале Државниот просветен инспекторат и Државната комисија за одлучување во постапка од работен однос во втор степен.
По поведениот спор, Управниот суд ја уважил жалбата на Општината за донесеното решение и донел одлука на 5 август.
– Ваквата пресуда, согласно содржината на дописот на Управниот суд е донесена поради тоа што од страна на МОН не е доставена целокупната документација во врска со овој случај, како и поради нечитливост на дел од доставените списи. Врз основа на донесената пресуда на Управниот суд, Министерството за образование и наука има две опции, едната е да донесе повторно решение за одземање на ингеренциите на Општината и втората, да ја обжали пресудата до Виш управен суд, се наведува во соопштениеот од Општина Гостивар.
Во објавата на неговиот Фејсбук профил градоначалникот Таравари наведува дека решението на Министерот од 13 февурари е поништено и директно му се обрати:
– Министерот за „ингеренции” и „докторот по правни науки”, според Управниот суд немал право кога ги одзел ингеренциите за образование на Општина Гостивар. Почитуван „доценте” врати ги ингеренциите, јавно извини се и поднеси си неотповиклива оставка, не поради мене, туку поради учениците и наставниците во Гостивар, кои ги малтретираш сега веќе две години. Правдата излезе на виделина, напиша Таравари.
Непосредно по локалните избори, актуелниот градоначалник ги смени раководните органи на училиштата и назначи в.д. директори. Во ноември 2017 година МОН му ги одзеде ингеренциите на градоначалникот на Општина Гостивар и ги врати на работа старите кадри.
Ингеренциите во делот на назначување и разрешување на директори во училиштата, по девет месеци повторно беа вратени на Општина Гостивар. Откако назначи директори, на Таравари повтроно му беа оздемени ингеренциите.