Над шест милиони Украинци се без електрична енергија по континуираното руско бомбардирање на енергетската инфраструктура, во пресрет на најавуваната сурова зима и минусни температури. Украинскиот претседател Зеленски им порача на граѓаните дека неопходно е штедење на енергијата и дека ако немаат прекин на струја, не значи дека проблемите се веќе решени. Зеленски посочи дека иако во низа градови локалната самоуправа добро ја завршила работата, но за прв пат упати и критики кон градоначалникот на Киев Виталиј Клично и неговото справување со кризата.

„На граѓаните на Киев им е потребна поголема заштита. И вечерва повеќе од шест милиони претплатници имаат прекин на струја во повеќето региони и во Киев и тоа повеќе од 20 дури и 30 часа во континуитет немаат струја . Очекувам поквалитетна работа од кабинетот на градоначалникот“, изјави Зеленски.

Додека руските гранатирања продолжуваат врз Украина, генералниот секретар на НАТО, ракетирањето на стамбени објекти, училишта и болници, го оквалификува како воено злосторство.

„Намерното таргетирање кон инфраструктура и цивили е воено злосторство.“- Јенс Столтенберг, Генерален секретар на НАТО

Во меѓувреме со зачестени проблеми и критики се соочува рускиот Претседател Путин. Во ретко соочување по бројни молби тој се сретна со дел од мајките и сопругите на руските војници.

„Сакам да знаете дека јас лично и целото државно раководство ја споделуваме вашата болка.Разбираме дека ништо не може да ја замени загубата на син, загубата на дете, особено за мајката. “ – Владимир Путин, Претседател на Русија

Меѓу време во тек е и реализирање на проектот „Жито од Украина“ за субвенционирање на извозот на жито во сиромашните земји, што започна на годишнината од ​​т.н Холодомор кога милиони Украинци пред 90 години ги загубија животите поради глад.