ТВ Алфа најостро ги осудува обидите за дискредитација и замолчување, се вели во реакцијата на телевизијата по нападите од лидерот на СДСМ Венко филипче. Ова е реакцијата на телевизијата:
По сериозните обвинувања од д-р Жан Митрев дека Филипче и Заев пред неколку години се обиделе да ја преземат неговата приватна болница искажани во гостување на Алфа, телевизијата како секој професионален медиум побара став и од опозицискиот лидер, но наместо тоа добивме неоснован напад.
Прво новинарско правило е: Aко се пренесува тврдење кое ја засега јавноста, другата страна мора да има можност да се изјасни. Токму тоа го направивме.
Но, наместо да се соочи со прашањето, Филипче се обидува да го оттргне вниманието. Тоа е очигледен дефокус. И тоа е најголемиот проблем: не е во прашање Алфа, туку фактот дека Филипче не знае како да се извлече од уште еден скандал.
ТВ Алфа е професионален медиум и останува таков. Нема да подлегне под притисоци, ниту ќе дозволи политичарите да ја претворат новинарската работа во поле за лични пресметки. И тоа не е само декларативно — тоа е став кој е потврден низ годините, особено кога СДСМ беше на власт и кога се практикуваа сериозни закани, притисоци и обиди за контрола на медиумите.
Тогаш, како и сега, Алфа не се повлекува. Не се плаши. Не се прилагодува на политички притисоци. И ќе продолжи да поставува прашања, да бара одговори и да информира.
Филипче, ако имате аргументи, изложете ги. Ако обвинението е неточно, демантирајте го со факти. Ако е точно, објаснете што се случувало. Но, нападот и етикетирањето не се одговор. Тие се признавање на слабост.
Наместо конкретни одговори, неосновани напади. Наместо демократска зрелост, очајнички етикетирања. Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, уште еднаш покажа дека не може и не знае да се носи со прашања кои сериозно го компромитираат.
Слободата на медиумите не е предмет за политичка дискусија. Слободата на медиумите е темел на демократијата.




