Карциномот на простата, што неодамна му беше дијагностициран и на поранешниот американски претседател Џо Бајден, е најчест тип на рак кај машката популација и се јавува кај мажи постари од 50 години, а ризикот се зголемува со стареење.
Урологот Владимир Лозановски од Клиничката болница „Аџибадем Систина“ во изјава за МИА нагласува дека постои можност за повторување на болеста, особено кај понапредните случаи. Потенцира дека граѓаните не треба да очајуваат затоа што, како што вели, модерните модалитети на третман, особено имунотерапијата, дава високи стапки на 10 годишно преживување.
-Простатичниот карцином е најчест тип на рак кај машката популација и се јавува кај мажи постари од 50 години, а ризикот се зголемува со стареење. Простата е мала жлезда со големина на костен која има функција да создава дел од течноста на спермата. Вообичаено ракот на простата започнува бавно и не дава никакви симптоми но во некои случаи, особено кај помладите пациенти знае да е поагресивен и да се рашири и на други делови од телото, вели Лозановски.
Урологот потенцира дека како што старее популацијата, така и ракот на простата е се почест, а и поголема е стапката на рано откривање како резултат на превентивните прегледи на пациентите кај кои се покачува свеста за ова заболување.
Околу третманот, Лозановски нагласува дека пред се зависи од стадиумот на болеста и од возраста на пациентот.
-Можностите за третман се многубројни и треба да се прилагодат според самиот наод и желбата на пациентот. Некои од начините за третман е оперативен, како радикална простатектомија, потоа ирадијациона или зрачна терапија, активно следење, хормонална терапија, таргет и некои други техники за жал, недостапни во нашата држава и регионот, вели Лозановски.
Тој посочува дека постои можност за повторување на болеста, но како што вели, модерните модалитети и третман даваат високи стапки на преживување до 10 години.
-Секако дека постои можност за повторување на болеста, особено кај понапредните случаи, но и тогаш не треба да се очајува, затоа што модерните модалитети на третман, особено имунотерапијата, дава високи стапки на 10 годишно преживување. Колку повозрасна популацијата, толку поголеми шани за појава на рак на простата. Повеќе од 75 проценти од ракот на простата се открива кај мажи над 65 годишна возраст, додека пак кај мажи на 80 години, 80 проценти од нив ќе имаат некаков тип на простатичен карцином кој е клинички незначаен, вели урологот Лозановски.
Карциномот на простата е болест што нема специфични симптоми, особено во раниот стадиум. Во оваа фаза на болеста, симптомите, доколку се појават, се најчесто слични со оние на бенигната простатична опструкција или бенигната простатична хиперплазија. Прогресијата на болеста и нејзиниот природен тек честопати се совпаѓаат или се засегнати и од други коморбидитети или болести, асоцирани со возраста на засегнатите мажи.
Најчестите симптоми се зачестено и отежнато мокрење, особено во текот на ноќта, тешкотии при започнување или запирање со уринирање, испуштање на слаб млаз на урина, чувство на болка и печење при уринирање, а во понапреднатите стадиуми и крв во урината или спермата, болки по коските и општа слабост.
Општа препорака е посета на уролог на мажи на 50-годишна возраст и постари за изведување на ехо на простата и уринарен тракт, одредување на вредноста на простата специфичен антиген (ПСА) и изведување на дигиторектален преглед на простата. Препораката се менува кај мажи што во семејството имаат татко, чичко, вујко или близок роднина кој развил карцином на простата на рана возраст и/или болеста завршила со смрт поради карцином на простата. Тогаш границата за прв преглед на простата се намалува на 45 години.
Не постои лек за превенција на карциномот на простата. Се советува намален внес на масти од животинско потекло и зголемен внес на житарки и зеленчук во исхраната, но нема доволно докази дека тоа навистина влијае врз намалена инциденца на карцином на простата. Редовните превентивни уролошки консултации и прегледи кај мажи на 50-годишна возраст и постари, а кај мажи фамилијарно оптоварени со карцином на простата, посета на уролог до 45-годишна возраст, сепак, остануваат најдобра препорака и превенција.
Фатиме Фазљији
Фото: Фрипик/Систина