Уште еден во низата руски олигарси поврзани со Владимир Путин, е пронајден мртов под се уште неразјаснети околности, јавуваат руските медиуми.
Телото на Игор Шкурк (49), заменик генералниот директор на руската енергетска компанија Јакутскенерго, било откриено вчера во неговата притворска ќелија во Јакутск, каде што бил приведен под обвинение за примање мито.
Еден ден пред неговата смрт, неговите адвокати поднеле жалби против, како што тврделе, обвиненијата за неоправдан поткуп. Руските власти не дадоа никакви детали за смртта на Шкурк, но рекоа дека врз основа на „прелиминарните податоци“ нема знаци за „криминален чин“.
Шкурк, кој имал големи приходи, бил обвинет дека барал поткуп од 5.000 фунти. Тој бил член на про-путиновата политичката партија Единствена Русија, но неговото членство било суспендирано по обвинувањата.
„Ќе го паметиме како отворен, гостопримлив човек со големо срце и смисла за хумор, грижлив шеф на тесно поврзано семејство“, се вели во соопштението на неговата компанија. Шкурк бил задолжен за техничкиот менаџмент на компанијата Јакутскенерго, која го снабдува со електрична енергија најстудениот регион во светот, Јакутија.
Од почетокот на инвазијата на Украина, имаше серија необјаснети смртни случаи на високи руски енергетски функционери. Минатиот месец Новаја Газета Европа, водечки руски независен истражувачки весник и Транспаренси интернешнал Русија поврзаа серија сомнителни смртни случаи со рускиот енергетски гигант Гаспром и сложената „шема за перење пари“ од која корист имаа многу руски бизнисмени и луѓе од безбедносните служби и военото милје на Путин.