Во моменти кога дипломатската војна меѓу Атина и Москва не попушта, грчкиот министер за надворешни работи, Никос Коѕијас, донесе одлука да го повлече амбасадорот во Руската Федерација.
Амбасадорот Андреас Фриганас на функцијата во Москва беше назначен во 2016 година и мандатот требаше да му трае најмалку три години. Но, грчкото МНР оценило дека во моменти кога има голема дипломатска тензија со Москва, при што обострано си протераа повеќе дипломати, треба да се повлече амбасадорот Фриганас.
Доцна попладне во петокот тој изјави дека би требало да се врати во базата и имал проштални средби со своите соработници во амбасадата.
Отако во средата Москва официјлано објави дека протерува грчки дипломати, Атина излезе со остро соопштение во кое рече дека нејзината одлука да протера руски дипломати била донесена врз основа на анализи и следење на нивните оперативни активности кои биле насочени против нејзините интереси. Од друга страна, пак, министерството на Коѕијас оцени дека мерките на Москва биле донесени во одмазднички манир.
„Русија во моментов се чини не може да ги разбере позициите и принципите на грчката надворешна политика“, соопшти грчкото МНР.
Од друга страна, пак, остана забележано дека рускиот премиер Дмитри Медведев пред неколку дена отворено зборуваше за постоење на „Република Северен Кипар“, јасно давајќи до знаење дека нема да стои мирно во однос на кипарското прашање, кое Коѕијас најави дека е следно за решавање.